Во деветиот век Кирил Филозоф ќе праша:

– Зарем не грее сонцето за сите луѓе исто? Зар не паѓа дождот врз сите глави подеднакво?

Во дваесет и првиот век, Амди Бајрам ќе рече:

Се молат Ромите да не прават цигански работи.

Наравоучение: Во  Македонија сонцето и дождот се дискриминатори.

Секој од нас во еден период од животот ќе биде маргинализиран. Да, тоа е онаа позиција и чувството што се прикачува за неа, кога стоите во продавница и не може да купите леб затоа што имате црна боја на кожата. Во македонски услови, дискриминацијата според бојата, за среќа е најактуелна кога ги убедуваме пријателите дека црниот или белиот дел од еурокремот е поубав. Но затоа пак, сексуалните работници, корисниците на наркотични супстанци и лицата со недоминантна сексуална ориентација се особено „пасирани“ во тенџерето на нетолеранцијата, неразбирањето и негрижата за другоста. Решение? Закон против дискриминација.

За да кој било закон, биде оправдан и спроведлив, потребна е претходна стратегија и делување врз јавното мислење, за да тоа се смени или евентуално да се задржи. За актуелниот неодамна донесен закон против дискриминација, од кој попатно, како колатерална штета беа изоставени лицата со недоминантна сексуална ориентација, немаше никаква позитивна кампања за опипување и менување на јавното мислење, од што следствено дојдоа и критиките од јавноста и несогласувањето.

За сметка на тоа, Владата успешно во јавноста го вбризгна шприцот на манипулацијата, алудирајќи дека ако се стават во законот, хомосексуалците ќе го добијат и правото да формираат семејства и да посвојат деца. Секако, малкумина сфатија дека закон за брак и закон против дискриминација се дијаметрално спротивни регулаторни средства. За споредба, лани во Швајцарија, 70 проценти од населението на јавен референдум, се изјасни позитивно и одобри корисниците на дроги да добиваат бесплатна хероинска терапија. Сигурна сум дека само мал дел од нив биле вистински експерти за санирањето на штетите кај корисници на дроги, но сепак, претходно швајцарските власти им ги објасниле придобивките. За разлика од нив, нам штетите од неприфаќањето на другоста ни ги објасни европската заедница.

Во суштина, малкумина вистински ја познаваат тематиката на маргинализираните заедници. Дел од нив одбиваат да го прифатат она што стои во учебникот по историја за шесто одделение, а тоа е дека Александар Македонски бил бисексуалец. Дали за него можеби би имало место во законите?

На прашањето кое организацијата ХОПС (Опции за здрав живот), им го постави на штотуку дипломирани медицински лица и социјални работници а кое гласеше „Дали користењето дрога претставува кривично дело?“, само десет проценти од нив дадоа точен одговор. За неупатените (не по нивна вина, туку по вина на политичката и медиумска апатија), користењето дрога и нудењето сексуална услуга, сами по себе не претставуваат кривично дело. Она што се казнува прекршочно, е нарушувањето на јавниот ред и мир, слично како што би се казнило пуштањето гласна музика од кафуле. Но, наместо да се занимаваме со тажната реторика на „нормалното“ и „ненормалното“, попродуктивно е да почнеме да се прифаќаме еден со друг и да градиме толеранција.

Сетете се на минатото кога Џордано Бруно го обесија зашто рече дека земјата сепак се врти околу сонцето и кога се откри дека Земјата не е една рамна плоча што ја носат два кита. Нема потреба да бидеме џелати.

Post a Comment