– Додека седевме во кафуле со мојот пријател, на нашата маса дојдоа полицајци. Веднаш почнаа да не` исмеваат. Ни рекоа да им ги дадеме ранците, а потоа ги претресоа. Откако не најдоа ништо, сепак не` приведоа во полициската станица во Кисела Вода. Другар ми го однесоа во една просторија, мене во друга. Не ме прашаа речиси ништо поврзано со дрога, туку колку години сум педер и со колку луѓе имам односи. Ми велеа дека доколку не биле законски попречени, би ме претепале. На крај ме натераа да се соблечам и да им го покажам задникот.

Вака 27 годишен скопјанец кој сакаше да остане анонимен, ја раскажа голготата низ која секојдневно поминува тој и останатите лица со хомосексуалната ориентација во Македонија, што започнува од исмевање, приведување без образложение, а завршува дури и со силување и исклучување од семејството.

Секоја година, на 17 мај – Интернационалниот ден против хомофобијата, светот потсетува дека постои огромна потреба за преземање акција. Сто балони во бои на виножитото, симболично беа пуштени пред собранието на Македонија како симбол за славење на слободата, различноста и еднаквоста, а Комисијата за заштита и промоција на сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, нагласи дека сите граѓани треба да застанат во одбрана на оваа цел.

– Она што владата го дава како аргумент, јас го нарекувам хомофобија во свилени ракавици. Благодарница за посебен придонес во развојот на геј порно естетиката му упатуваме на Драган Павловиќ Латас, пофалница за најнадежен студент во областа на правото на „Еротската Унија“ му доделуваме на пратеникот Владо Ѓорчев, благодарница за посебен придонес во развојот на феминистичката мисла и движење во Македонија на Косана Николиќ – Мазнева и благодарница за посебен придонес во враќањето на 19 вековните принципи во психијатријата даваме за доктор Јован Гинев. Јавно ги повикуваме премиерот, претседателот и министерот за надворешни работи да ја осудат хомофобијата на овие личности, изјави Славчо Димитров, координатор на Комисијата.

Засега, нема информации за несоодветен третман на лицата со хомосексуална ориентација кога се работи за добивање соодветна здравствена заштита, но на македонската јавност и е во длабоко сеќавање случајот кога пред 5 години, на едно лице му беше оневозможено да дарува крв. Покрај овој, постои и проблемот на физичко, психичко, културно и институционално насилство.

– Институциите, почнувајќи од училиштата, во своите програми имаат податоци што се комплетно неточни и поттикнуваат дискриминација. Покрај тоа, Владата упорно не сака да ја признае и поправи грешката кога во законот против дискриминација, не ја вклучи сексуалната ориентација како специфичен основ, изјавија активистите за човекови права.

Во повеќе од 80 земји ширум светот, хомосексуалните акти се се` уште нелегални. Во одредени ситуации истите законски се казнуваат и со доживотен затвор, а во седум држави, се применува и смртната казна.

Post a Comment