По дефиниција, позитивната дискриминација претставува добивање еднакви права за сите. И покрај ова,  два аргументи одат во прилог на тоа дека позитивната дискриминација сепак е – дискриминација:

1. Со позитивната дискриминација се давале поголеми права некому.

2. Со позитивната дискриминација уште повеќе се истакнувала различноста.

Во продолжение ќе се обидам да ги побијам овие две тези кои патем, не се поклопуваат целосно со мојот личен став.

Прво, лицата кои се малцински етнички групи во нашата земја, самите побараа нивна застапеност во институциите заради тоа што се чувствуваа дискриминирани, маргинализирани и девалвирани нивните права од страна на доминантната заедница. Секако, статистиките, здравиот разум, практиката – сите во минатото покажаа дека на работните места немаше речиси никаква застапеност на одредени маргинализирани групи.  Изговор – неквалификуваност. Точно, до некаде. Затоа им се овозможи на оние што се неквалификувани, да се оквалификуваат и да стекнат високо образование. Во случајот со студентите, на пример Роми кои се запишуваат со позитивна дискриминација на факултет, треба да се земе предвид дека тие ќе ја сменат состојбата во која Ромите се – традиционално отфрлани и непотпомогнати многу често од нивните семејства во борбата за образование.

Во нашето општество, сепак, неспорно е дека менталитетот и размислите одат во прилог на тоа дека сме „јаболко на раздорот“ и дека некој сака да ни` ја заземе татковината, па затоа бара свои права. Поради таквиот стереотип и предрасудите кои постојат, само мал дел граѓани би вработиле Ром или Албанец во своите редови, дури и доколку тој е соодветно квалификуван за позицијата за која аплицира. Впрочем, замислете се само колку ваши соученици додека сте биле во основно или средно образование, па дури и на факултет, биле дискриминирани и на некој начин омаловажувани од професорите. Доколку не постои позитивната дискриминација, тогаш како ќе ги видиме овие луѓе на работна позиција?

Доколку вистински ги имаме прифатено различностите на етничките заедници, тогаш не би ни пречело да одбереме од „нивните редови“ квалификуван кадар, кој патем би се вклопил во функционирањето на институцијата и општествениот баланс. Меѓу нас дефинитивно постојат разлики. Тие разлики ТРЕБА да се потенцираат, со цел да се запознаеме подобро. Да се прифати некој, не значи да се претвори во ист како нас. Младите не се познаваат и не си ги знаат различностите освен теоретски. Затоа – десет Македонци да одат 10 дена кај Ром дома на гости, а потоа обратно. А не во главите да си градиме илузија дека некој е ист како нас и дека ние сме исти како него. Ги имаме само – истите права, за да ги симбиозираме нашите различности.

Post a Comment